Невладините ја осудија сексистичката изјава на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

Вчерашната објава на Фејсбук од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, предизвика реакции во јавноста. Со соопштение денеска реагираше и Мрежата за заштита од дискриминација, во кое се осудува „вознемирувачката, сексистичка и мизогина изјава“ на портпаролот.

Од Мрежата ја повикуваат Комисијата за заштита од дискриминација да поведе постапка за заштита од дискриминација по службена должност и да утврди вознемирување врз основа на пол и род.

Исто така, апелираат до медиумите, да не ги пренесуваат ваквите сензационалистички и сексистички објави без критички коментар, за кои, како што велат, се врши вознемирување и повреда на достоинството на жените и се потхрануваат родовите стереотипи.

Истовремено повикуваат портпаролот да упати јавно извинување за неговата изјава.

Во продолжение, соопштението го пренесуваме во целост:

„Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осудува шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски, насочена кон министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На фејсбук профилот на портпаролот, може да се прочита објава од 3.9.2019, која изобилува со пораки што претставуваат вознемирување врз основа на  род, ширење мизогинија и сексизам и зацврстување на стереотипите околу учеството на жените во политичкиот и јавниот живот. Служејќи се со примитивен и омаловажувачки говор, во обидот да се дискредитира министерката за финансии, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ ја претставува Министерката како наводно промискуитетна и неспособна жена, чија „вистинска” задача е да ги задоволи сексуалните потреби на мажите политичари, што претставува сеприсутен сексистички стереотип за професионално реализираните жени во сите општествени сфери.

Од една страна ваквите изјави имаат негативно влијание кон јавното мнение, особено кога доаѓаат од страна на портпаролот на најголемата опозициска партија. Од друга страна, со вакви изјави се создава непријателска и понижувачка средина за женското учество во јавниот живот, се повредува достоинството и се навредуваат жените.

Мажите политичари треба да бидат активни партнери, поддржувачи и промотори за вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот и за воспоставување на родова еднаквост во сите општествени сфери.

Повторуваме дека местото на жената е секаде каде што таа сака да биде, политичката моќ им припаѓа на жените, исто како што грижата за семејството им припаѓа на мажите. Женското учество во јавниот живот е предуслов за развој, благосостојба и демократија.

Од тие причини го повикуваме портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски да упати јавно извинување за својата шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава.

Апелираме до медиумите да не ги пренесуваат, без критички коментар, ваквите сензационалистички и сексистички објави со кои се врши вознемирување и повреда на достоинството на жените и се потхрануваат родовите стереотипи.

Ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација, согласно своите законски овластувања да поведе постапка за заштита од дискриминација по службена должност и да утврди вознемирување врз основа на пол и род“, стои во соопштението.