Невладини организации ја критикуваат Италија поради затворањето на пристаништата

Невладините организации кои им помагаат на мигрантите на Медитеранот жестоко ја искритикуваа  одлуката на италијанските власти за затворање на пристаништата во борбата против пандемијата на Ковид-19, пренесува „Н1“.

Италијанското министерство за внатрешни работи одлучи дека земјата повеќе не може да се смета за безбедно засолниште за време на пандемијата која одзеде 17.500 животи во Италија. Ова значи дека мигрантите повеќе не можат да пристигнат во Италија.

Италијанските власти ваквата одлука ја донеле еден месец откако прогласија изолација во борбата против коронавирусот.

Невладини организации од Франција, Италија, Германија и Шпанија обвинија дека кризата со коронавирусот се користи како изгвор за затворање на земјата за барателите на азил.

„Во време како ова, страдањето на граѓаните погодени со здравствената криза не може да биде причина за скратување на секаква поддршка… на оние кои ризикуваат да го загубат животот, не во одделот за интензивна нега, туку со давење“, стои во писмото на организациите.

Организациите потенцираат дека „треба да се спасат сите животи и треба да бидат заштитени сите кревки лица, како на копно, така и на море“.

„Тоа е возможно и неопходно да се направи“, додаваат тие.

Во писмото, исто така се наведува дека овие организации ги ставиле на располагање на италијанските здравствени власти персоналот и ресурсите за борба против коронавирусот и дека отворањето на пристаништата е „законска обврска“.

Според тамошното министерство за внатрешни работи, од почетокот на годината околу 3.000 мигранти пристигнале на италијанското крајбрежје.