Нема прием на нови бегалци на јужната граница, затворена балканската рута

Во Транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија, од полноќ нема прием на нови бегалци и мигранти, откако балканската бегалска рута се затвори по најавата на Словенија, а потоа и на Хрватска и Србија, дека нема да примаат бегалци без валидни визи и пасоши.

Словенија воведе нови гранични рестрикции за мигрантите, со кои само на оние кои планираат да бараат азил во земјата, или на оние кои имаат хуманитарни потреби, ќе им биде дозволено да влезат. Како реакција на ова, и Србија соопшти дека ќе ги затвори границите со Македонија и Бугарија за оние кои немаат валидни документи.

Словенечкиот премиер Миро Церар вчера изјави дека балканската тура е затворена. Тој соопшти дека рестрикциите, кои стапија во сила од полноќ, биле дел од поширока иницијатива и на други балкански земји и Грција, а во соработка со Турција да се вратат „сите илегални мигранти“.

По најавите на Словенија, Министерството за внатрешни работи на Србија преку соопштение изјави:

„Имајќи во предвид дека новиот режим се спроведува од страна на членка на Европската Унија, Србија не може да си дозволи да стане центар за собирање на бегалци“.

Повеќе од 2 000 мигранти, главно од Сирија, Ирак и Авганистан, продолжуваат да пристигнуваат секој ден во Грција од Турција. Околу 14 000 мигранти, пак, се заглавени на Идомени, на грчката страна од границата со Македонија. Осум земји-членки на ЕУ, меѓу кои Австраија, Унгарија и Словачка ги заострија контролите на граница, оставајќи илјадници мигранти заробени во Грција.

Европа се соочува со најголемата бегалска криза по Втората светска војна, пишува BBC. Минатата година, повеќе од еден милион луѓе влегоа во ЕУ илегално со брод. Повеќето од нив беа од Сирија, бегајќи од граѓанската војна во нивната земја.

На средбата што се одржа во понеделникот, претставниците на ЕУ изјавија дека се потребни „смели потези“ за решавање на кризата и ги претставија следните предлози:

Сите нови илегални мигранти кои преминуваат од Турција во Грција ќе се вратат во Турција (илегални мигранти се мисли на сите оние кои се без соодветна документација). Потоа, во замена за секој вратен Сириец, еден Сириец во Турција ќе биде преселен во ЕУ, плановите за олеснување на пристапот до ЕУ за турските граѓани ќе бидат забрзани, со цел до јуни да им се обезбеди безвизно патување. Сумата од три милијарди евра што ЕУ и ја вети на Турција во октомври ќе биде исплатена брзо, со можност во иднина да и помага на Турција во справување со кризата. Турција, наводно, побарала сумата да биде двојно поголема. Последниот предлог донесен за време на средбата е дека ќе почнат подготовки за отворање на нови поглавја во разговорите за членство на Турција во ЕУ.