Нема елементарни услови за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовните училишта

И две децении од најавите за социјална инклузија во образованието, се уште нема најелементарни услови за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовните училишта во Македонија, покажува „Анализата на условите за лицата со посебни потреби во рамките на средното и високото образование“.

Анализата која со помош на Младинскиот образовен форум ја направи тим од млади луѓе, меѓу кои и студенти со посебни потреби, покажа дека постојат сериозни проблеми во образованието на овие лица, и во средното, и во високото образование.

„Првично што недостасува е јасно дефинирана законска рамка, недостасуваат архитектонски услови како физичка пристапност и рампи надвор и внатре во образовните установи. Нема соодветни тоалети, безбедноста е намалена за дел од лицата со посебни потреби бидејќи нема аудитивни или визуелни ознаки за аларм против пожар, или брајови ознаки во случај на евакуација. Најголем дел од вработениот кадар смета дека не е обучен за работа со овие студенти, недостасува дополнителна помош и поддршка, асистивна технологија, помагала и прилагодени материјали. И самите наставници не знаат како да ја прилагодат програмата и оценувањето на овие студенти“, вели Ангела Николовска, дел од тимот на истражувачи.

Истражувањето кое се спроведуваше изминатите три месеци, вклучуваше интервјуа со лица со посебни образовни потреби, наставници, родители, како и податоци кои се собираа од 12 скопски гимназии, 23 факултети при УКИМ, од Бирото за развој на образованието и ресорните министерства. Како што посочува Кристијан Лазаров, дел од тимот, резултатите биле повеќе од очекувани.

„Нашето истражување започнува од членот од Уставот кој вели дека секој во Македонија има право на образование. Ние овде додадовме и една анализа од УНИЦЕФ која вели дека секој има право на образование, но на квалитетно образование. Тоа беше нашиот мотив за да почнеме да го истражуваме овој проблем“, вели Лазаров кој  искрено се заблагодари за можноста да биде дел од тимот, и покрај оштетениот вид.

Ема Ананиевска, пак се осврна на развојот на социјалната инклузија во земјава, со посебен фокус на образовната инклузија.

„Училиштето треба да се прилагоди на детето, а не детето да се адаптира на училиштето“, вели Ананиевска потсетувајќи дека иако развојот на инклузијата на глобално ниво е започнат во 1948 година, во Македонија стигнува дури во 1998 година.

Сепак, заклучуваат истражувачите, и покрај тоа што низ образовниот процес минале 20 генерации „експериментални глувчиња“, Македонија нема мрднато чекор напред и се уште е неподготвена за отфрлање на стариот модел на сместување на лицата со посебни образовни потреби во посебни училишта. Затоа, препорачуваат, неопходно е да се направат законски измени со кои јасно и недвосмислено ќе се дефинираат правата и обврските на лицата со посбни образовни потреби, наместо сегашниот закон кој дозволува институциите да си ја префрлаат топката. Истовремено, заклучуваат, се дури не се подобрат состојбите, државата не треба да си затвори посебните училишта бидејќи таму “постојат какви-такви услови за образование на овие ученици“. Во меѓувреме, додаваат, мора сериозно да се работи на подобрување на условите за вклучување на лицата со посебни образовни потреби во редовните училишта.

Анализата е едно од петте истражувања на млади истражувачки тимови и индивидуалци, кои со поддршка на МОФ и ФООМ ги изработија овие трудови, а беа презентирани во рамки на шестото издание на настанот „Станица студентска“.

J.J.