Натпревар за млади до 18 години за најдобар монолог

Филмското училиште Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција од Скопје организираат натпревар за најдобра изведба на монолог за млади до 18 години. Натпреварот ќе се одржи на 24 декември (сабота).

Според правилата на натпреварот, секој натпреварувач треба да изведе монолог со времетраење од околу 1 минута, според сопствен избор на текст, извадок од одредено дело или оригинално напишан. Право на учество имаат сите деца до 18 годишна возраст. За учество потребна е потпишана дозвола од родител / старател.

Натпреварувачите ќе бидат оценувани од страна на тричлено стручно жири во состав Горан Трифуновски, актер, Александра Павлова, актерка и Кузман Кузмановски, режисер. Исто така ќе може да се гласа и за видео материјалите кои вирално ќе се споделуваат.

Тројца финалисти ќе бидат наградени.

Сите заинтересирани можат да го пријават учеството најдоцна до 22 декември, на мејлот kc.tintirimintiri@gmail.com. За пријавување треба да се остават следните податоци: име и презиме на дете, возраст на дете, име и презиме на родител, активна мејл адреса и контакт телефон.

„Монолог – говор од подолго траење што еден лик му го упатува на друг, како форма на драма. Монологот го изведува лик што директно и се обраќа на публиката или ги искажува своите мисли гласно додека е сам или додека другите актери се тивки“, велат од Тинтири Минтири.

Инаку, филмското училиште Тинтири Минтири обучува деца и млади од 6 до 18 години во сферата на аудио-визуелните уметности. Примарна активност е едукација во сферата на филмска и тв глума, филмско и тв сценарио, филмска и тв режија, креативно пишување, анимација, водители, радио драма, градење однос кон камера и јавен настап. Тинтири Минтири е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија.