НАТО го потпиша Пристапниот протокол со Македонија – Димитров: Никогаш повеќе нема да чекориме сами

Амбасадорите на 29-те земји членки на НАТО го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Македонија во Алијансата.

Протоколот сега ќе треба да биде ратификуван во парламентите на сите земји членки.

„Мојата држава денеска е многу силна. Она што ни е најважно е дека повеќе никогаш нема да чекориме сами. Со нас се уште 29 пријатели и сојузници. За нас НАТО е влегување во границите на сигурноста. Семејство на држави кое се залага светот да го направи побезбедно и подобро место. Ова патешествие нè направи многу позрели. Мислам дека со последните случувања и она што го постигнавме заедно со нашите соседи, докажавме дека можеме да преземеме одговорност, да се соочиме со проблемите и да ги решиме. Се заложивме дека во следниот период ќе продолжиме со реформите во владеењето на правото, реформи во безбедносниот систем и во одбраната. Денеска е голем ден за нас“, рече Министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Денеска е историски ден за вашата земја и за сите нас. Го потпишавме протоколот со идната Република Северна Македонија. Сега треба да гледаме во иднината и сите членки да го ратификуваат протоколот со што ќе станете 30-тата членка на НАТО и ќе имате еднаков глас со сите земји членки. НАТО ја чува сигурноста на скоро милијарда жители низ целиот свет, а вашиот пристап ќе помогне за посигурен регион. Од денеска вашата земја ќе присуствува на седниците на НАТО како набљудувач. Денешниот ден покажува колку може да се постигне преку добра дипломатија и се радувам на моментот кога пред седиштето на Алијансата ќе се веат 30 знамиња“, изјави Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ратификацијата на Пристапниот протокол во парламентот во Грција се очекува да се случи во петок, по што и официјално ќе се активираат уставните амандмани со кои Република Македонија ќе стане Република Северна Македонија. Според Преспанскиот договор со тоа ќе биде исполнет условот за активирање на спогодбата која ќе треба да ја замени Резолуцијата во Обединетите Нации со која во меѓународните институции се користеше името поранешна југословенска Република Македонија.