#НаЧас: Инклузивно образование – само на хартија?

На кој начин се спроведува инклузивно образование во македонските училишта? Како се снаоѓаат лицата со посебни образовни потреби кога ќе дојде време за да тргнат на училиште? Кои се ветувањата од надлежните, а каква е реалноста?  Ова се дел од прашањата за кои разговараме во шестата емисија #НаЧас, која ќе се емитува утре (30 ноември) во 13 часот на Радио МОФ.

На темата „Инклузивно образование- само на хартија?“ ќе дискутираат студентката со оштетен вид Ема Ананиевска, Домника Кардула чија ќерка со аутизам оди во редовно училиште, Наташа Ангелевска од Фондација Отворено општество – Македонија и училишниот психолог од гимназијата „Никола Карев“, Гордана Блажевска Спиридонова.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование се емитуваат секој четврток, во 13 часот, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки на Твитер активен е и хаштагот #НаЧас.

Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието. Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.