Акција на „Мрдни со прст“ во Чаир

Станарите од Зграда 18/1, на улицата „Крсте Асенов“ во Чаир во неделата на 8 октомври, мрднаа со прст за да го подобрат и направат побезбедно опкружувањето во кое живеат. Заедно со „Мрдни со прст“, жителите на оваа зграда иницираа активност и направија промена која ќе им обезбеди трајно решение за она со што се соочуваа со години. Старата зграда со нивна помош доби нов лик, а станарите подобро место за живеење.

Петкатната зграда која е изградена во 1965 година со над 120 станари имаше нефарбани, испукани и влажни ѕидови, со скршени сијалици, штекери и немаше струја по ходниците. Поради старата надворешна врата која не се затвора, честопати станарите биле мета на крадците во доцните вечерни часови. Бидејќи повеќето се лица што користат социјална помош или пак се со едно вработено лице што го одржува семејството, куќниот совет не бил во можност да собере доволно финансии за реставрација. Затоа мотивирани од она што се прави во рамки на „Мрдни со прст“ иницираа ваква активност и побараа помош за да мрднат со прст и направат промена во нивното опкружување.

Оваа иницијативата беше поддржана од Национален младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст. Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.