МОН работи на ново законско решение за повисок квалитет на учебниците

Од Министерството за образование и наука (МОН) соопштуваат дека во подготовка е првата нацрт верзија на новиот Закон за учебници во основното и средното образование.

„Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно –образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи“, велат од Министерството.

Со новиот закон МОН и Педагошката служба, како иницијатори, целат да се  унапреди квалитетот на содржината на учебници,  да се намали веројатноста за појава на грешки од различна природа во содржината и во исто време да се поедностави процесот на набавка и испорака.

Оттаму најавуваат дека во новото законско решение  ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адреса на МОН, кога јавноста беше повикана да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение.

Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт законското решение до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување.

Стапки или метри? Исток или запад? Какви грешки најдовме во новите учебници за основно