Претставници на групата „Учебници и настава мора да има“ утре на средба во МОН

Граѓанската иницијатива против донесување на Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование за утре најави работна средба со претставници од Министерството за образование и наука. 

Претставници на Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ се залагаат хартиените учебници задолжнително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование. Но, покрај ова бараат и да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование, а Етика на регилигиите да остане како изборен предмет. 

Во својата листа на барања напоменуваат и да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, како и да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија и да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со атипичен развој.

Од минатата недела започна бојкот во некои училишта за да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Според Предлог-законот, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно и во погорните одделенија. Учениците до трето одделение, пак, ќе продолжат да учат од печатени учебници.