Прифатен предлогот за референдум против дигитализација на учебниците

Собраниските комисии го прифатија предлогот на иницијативата „Учебници и настава мора да има“ за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали поддржуваат дигитализација на учебниците и наставните материјали во основното и средното образование.

На денешните седници, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија проценија дека иницијативата е уредно поднесена со собрани 100 потписи, откако веќе еднаш беше отфрлена.

Следува комисиите да му го испратат извештајот на претседателот на Собранието Талат Џафери, а иницијативата во наредниот период дополнително треба да се потврди со 10 000 потписи по што надлежните органи треба да распишат референдум.

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ бара од министерката за образование и наука Мила Царовска да го повлече Предлог-законот за дигитални учебници. Периодов се одржаа протести во повеќе градови низ државата, на кои им претходеше и бојкот на наставата во неколку училишта.

Новиот Предлог закон за учебници предвидува децата до трето одделение да учат од печатени учебници, а за погорните одделенија постепено да почнат да се воведуваат дигитални учебници. Според најавите од Министерството за образование, веќе од следната година треба да се почне со воведување на дигиталните учебници за децата од четврто одделение.