Бојкотот во училиштата продолжува, од МОН велат дека се изолирани случаи

Бојкотот на наставата поради дигитализацијата на учебниците продолжи и денес во неколку училишта.

Драгана Спасовска, дел од иницијативата на родителите кои се здружија преку Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“, соопшти дека ќе пуштат допис до сите училишта со цел да се испочитува нивната одлука и да не се врши притисок врз децата и родителите. Покрај ова, најави дека ќе се обратат и до СОНК и Бирото за развој на образованието.

Оттаму се одлучни – бараат средба со министерката за образование и наука Мила Царовска најдоцна до четврток или ќе излезат на протест пред Владата во недела.

„Бојкотот ќе продолжи се додека не добиеме соодветен прием кај надлежните и не бидат соодветно разгледани нашите барања“, стои во нивното обраќање до институциите.

„Ова го правиме единствено и само во најдобар интерес за нашите деца, а понатаму и за сите следни генерации кои треба да растат и да се развиваат во здраво општество и здрава средина. Нашите деца се наш прв приоритет и ќе направиме се што е потребно да ги застапуваме и унапредиме нивните и нашите права. Ние бараме реформи „по мерка на ученикот“ и се надеваме ќе биде земено во предвид до надлежните“, се вели дописот.

Повеќето од ставовите на младите кои пристигнаа до редакцијата на Радио МОФ преку Инстаграм анкета, велат дека на учениците треба да им биде дадена опција да изберат дали сакаат да учат од хартиен или електронски учебник. Како најчеста причина за отфрлање на оваа реформа го наведуваат отсуството од услови секој да си дозволи уред за да пристапи до електронскиот учебник, како и огромното време кое го поминуваат пред екран за време на наставата од далечина.

Електронските учебници ќе започнат етапно да се воведуваат од септември и првично ќе се однесува само за учениците од четврто одделение. Според МОН, ќе бидат опфатени 20.000 ученици. За учениците од прво до трето одделение, пак, и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници.

МОН: Нема бојкот на наставата, од часовите отсуствуваат изолирани случаи

Од Министерството за образование и наука велат дека станува збор за помали групи на ученици од неколку училишта во државата кои не ја посетуваат физичката или онлајн наставата.

„Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите и на процесот на стекнување знаења, што впрочем треба да биде нивен приоритет и единствена грижа. Секое неоправдано отсуство предизвикува импликации во педагошката евиденција која ја водат наставниците за образованието и поведението на учениците, а воедно потоа тоа отсуство треба да се надоместува преку организирање на дополнителна настава“, велат од МОН.

Оттаму посочуваат дека промените во основното образование се во интерес на учениците и унапредување на образованието.

„Реформите се исто така и на барање на наставниците, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Носење на законско решение кое треба да донесе квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, не смее да биде причина за бојкот“, сметаат од МОН.

Според нив, новото законско решение ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, бидејќи како што посочуваат, учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.

Ставот на Сојузот на средношколци, пак, е дека дигитализацијата не смее биде единственото решение.

„Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Понатаму, ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната структура, а учениците мора да изучуваат и стекнуваат релевантни дигитални вештини, т.е. дигитална писменост“, сметаат од Сојузот.

„Не може нешто да биде обрзувачко за граѓаните, а тие да ги немаат средствата да го исполнат барањето. Понатаму, ние сме земја со слаба дигитална мрежа. Впрочем ова ни го покажа пандемијата и фијаското со наставата од далечина. Апелираме доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен и да не падне на првиот ден, како што тоа го направи националната платформата schools.mk“, стои во нивната претходна реакција.

Покрај ова, тие забележуваат дека печатењето на дигиталните учебници не смее да оди преку училиштата, бидејќи како што посочуваат, тие ги немаат соодветните ресурси.

„Сметаме дека нема доволно време до септември за да се дигитализираат сите веќе употребувани учебници. Од друга страна, пак, прикачувањето на учебниците во пдф форма претставува добра алтернатива за учениците. Сепак, треба да биде алтернатива, а не постулат“, гласи нивниот став.

Група родители минатата недела пред Министерството за образование започнаа со собирање потписи против предлог законот. Појаснуваат дека им се потребни минимум 100 потписи за барањето да влезе во Собрание и да се стопира гласањето на законот.

Освен стопирање на Законот тие бараат јавна расправа и дебата за измените, но и директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата граѓани во ревизија и интервенции во Законот. Во меѓувреме, се споделува и онлајн петиција која досега ја потпишаа над 20 000 граѓани.

Е.П.