МОН: Од понеделник започнува исплатата за студентски субвенциониран оброк

Со почетокот на новата академска година, од понеделник, студентите кои ги исполниле условите на јавниот повик започнуваат со користење на правото на субвенциониран студентски оброк, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

„Средствата ќе можат да се користат исклучиво преку наменската платежна картичка која ја издава Шпаркасе банка, партнер во спроведувањето на оваа мерка со кого Министерството за образование и наука има склучено нефинансиски договор. Дневниот паричен надомест се користи од понеделник до сабота, а не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври“, посочуваат од МОН.

Со износ од 140 денари на дневна основа, студентите ќе можат да купуваат во маркети, ресторани, пекарници и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Исплатата на студентскиот субвенциониран оброк ќе се врши заклучно измените на законското решение направени во април со студентските организации.

МОН потсетува дека можноста за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите студенти кои досега поради било какви причини не го оствариле ова право, останува отворена секој нареден месец, од први до седми во месецот, а аплицирањето се спроведува онлајн.