УСС УКИМ бара МОН да ги почитува роковите на исплата на стипендии и оброк

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ) со отворено соопштение до Министерството за образование и наука (МОН) реагира за ненавремената исплата на стипендии и оброк на студентите.

„И покрај тоа што почна исплатата на стипендиите и објавивте дека конечно ќе се премине кон потпишување на договорите за изденачување на стипендиите, и покрај тоа што имаше една исплата за студентскиот оброк за месец јануари, сепак чувствуваме должност да ја доближиме атмосферата која владее меѓу студентите, а е резултат на ненавремена исплата на Вашите обврски према нив кога се во прашање стипендиите и студентскиот оброк како ненавремено информирање околу причините за таквите дејствија“, стои во соопштението.

Студентите се децидни дека ваквиот однос ја злоупотребува нивната трпеливост и како што велат дополнителната манипулација со роковите на исплата ќе придонесе да им се намали довербата и да им се зголеми револтот и незадоволството од МОН.

„Исто така напоменуваме дека 15 март се ближи, датумот на кој треба да се зголеми сумата за студентскиот оброк, она кое го ветивте во месец ноември, во спротивно гласот на студентите повторно ќе биде широко слушнат“, се нагласува во јавното соопштение.