Младите во Србија можат да се пријават за државна помош од 100 евра

Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали вчера изјави дека на полноќ започнало пријавувањето на млади лица од 16 до 29 години за новите 100 евра државна помош, јавува „Радио Слободна Европа“.

„Овој процес на аплицирање ќе биде отворен до 31 мај, а процесот е ист како и досега, треба да го внесете бројот на вашата лична карта, единствениот матичен број и да ја изберете банката во која сакате да ви бидат исплатени парите“, рече Мали, гостувајќи на државната „РТС“.

Како што потсети тој, во првиот круг помош, на младите им биле исплатени 100 евра на 1 февруари, а тогаш помош добиле околу 1.6 милиони млади лица.

На 16 мај, на полноќ започна пријавувањето за вториот круг помош од 100 евра, но само за оние кои досега не се пријавиле.

Мали најави дека на младите кои сега се пријавуваат, но и на оние кои се пријавија во првиот круг, парите ќе им бидат исплатени на 1, 2 и 3 јуни.

Министерот потсети и дека државата издвоила 12.5 милијарди динари, односно 107 милиони евра за првиот круг помош за младите и рече дека „сега очекува да се издвојат малку повеќе пари, помеѓу 12.5 и 13 милијарди денари“, односно, помеѓу 107 и 111 милиони евра.

Гостувајќи на телевизијата „Пинк“ на 25 јануари, министерот Мали рече дека давањето пари на младите е сосема оправдана економска мерка и дека државата ја погодила „вистинската цел“.

„Нашата цел беше да создадеме убава атмосфера, да шириме оптимизам помеѓу младите, и да видат дека државата е тука за нив, дека сме јаки, стабилни, дека имаме сила да им помогнеме. Некои тоа ќе го инвестираат во криптовалути, некои ќе купат книги, ќе платат испити, курс за јазик, некој ќе ја изнесе девојката на вечера“, рече Мали.