Мерење температура, дезинфекција и редовно проветрување – Филипче за протоколот за работа на градинките

Со посебни протоколи и задолжителна дезинфекција на 9-ти септември ќе се отворат градинките, информираа на пресконференција Министрите за здравство и труд и социјална политика, Венко Филипче и Јагода Шахпаска.

Според насоките, секоја градинка ќе треба да обезбеди маски и ракавици за вработените, средства за хигиена и дезинфекција и бесконтактен термометар. Дезинфекцијата на просториите, подовите и предметите ќе се врши на секои два часа во текот на денот, а задолжително ќе се проветруваат и просториите.

„Престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца, сместени во одделни простории, во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено и во мали групи“, изјави министерот Филипче.

Приемот на децата по воспитна група треба да биде со 10 минути временска разлика на влез, на кој задолжително е обележано растојание од 2 метри, а детето го спроведува еден родител кој секогаш носи заштитна маска.

Во однос на приемот и престојот на децата во установата, тој појасни дека при прием, на секое дете му се мери температура со бесконтактен термометар, а детето по влез во градинката задолжително ги мие рацете, како и повеќе пати во текот на денот.

Ќе има и посебни правила за дистрибуција на храната, како и за растојанието помеѓу масите за седење на децата кои треба да бидат од 1,5 до 2 метри оддалеченост. Во градинките нема да смеат да се користат играчки кои не се перат и дезинфицираат, а воспитувачите и негувателките треба да се погрижат децата да ги мијат рацете при прием и во тек на денот.

Филипче објасни и дека алгоритамот во случај на дете кое ќе развие покачена температура предвидува детето веднаш да биде изолирано во посебна просторија по што се повикува родител и се известува епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и матичниот доктор/педијатар на детето.

„Детето позитивно на SARS-CoV-2, заедно со родителите/старателите продолжува во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата здравствената состојба ја следи матичниот лекар, или доколку се појави потреба се хоспитализира.
Детето кое било сомнително на КОВИД-19, а за кое е докажано со PCR тестирање дека е негативно на SARS-CoV-2, продолжува да ја посетува градинката со приложена потврда од матичниот лекар дека детето е во добра здравствена состојба и може да посетува градинка“, рече Филипче.

Во однос на здравствената состојба на децата, Министерот напомена дека доколку родителот забележи појава на симптоми на болест кај детето, да не го носи детето во градинка и веднаш да се консултира со лекар. Родителите при првото и пред повторно да го вклучи детето во градинката доколку било болно, потребно е да достават лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на детето.

Министерката Шахпаска истакна дека приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома. Таа напомена дека родителите кои ја користат мерката за чување деца до 10 години ќе можат и понатаму да ја користат таа мерка која останува на сила и по отворање на градинките.

Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата, по што се утврди дека согласно Протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родители на 14.555.

„Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката. Согласно Протоколот, групите за деца до две годишна возраст треба да имаат најмногу шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени. Од тие причини, односно поради намалениот капацитет на градинките, беше неопходно да се дефинираат овие приоритети“, рече Шахпаска.