Меѓаши побара МОН итно да го реши проблемот со непримање деца во училиштата

Од Првата детска амбасада во светот – Меѓаши бараат од Министерството за образование и наука (МОН) да го почитуваат уставно загарантираното право на образование на секое дете, додавајќи дека на вториот ден од новата учебна година сите дојави на нивниот СОС телефон за деца и млади биле во врска со непримањето на првачињата за кои родителите/стрателите не доставиле документација за уредно примени вакцини.

„Бараме Министерството за образование и наука да ја преиспита одлуката за одбивање на уписот на правчињата кои не доставиле документ за задолжителна вакцинација и да понуди решение коешто нема да го прекрши основното право на децата на образование. Воедно сакаме да потсетиме дека: невакцинираните деца се под стрес и државата мора да им го овозможи правото на образование. Наместо радост за првиот училишен ден, тој за многу деца се претвори во кошмар; Ранливите групи деца кои не се опфатени во системот на образование поради здравствени проблеми, енормна сиромаштија, миграција или немање лични документи и понатака остануваат надвор од кругот и државата мора да обезбеди соодветни услови за нивно вклучување во воспитно образовниот систем“, соопштија од Меѓаши.

Од Детската амбасада велат дека доколку овој проблем не се реши тие ќе ги информираат членовите на Комитетот за правата на детето при Обединетите Нации и ќе побараат конкретни мерки и препораки до Северна Македонија како земја која ја потпишала и ратификувала Конвенцијата за правата на детето.

СОС телефонот за деца и млади во Детската амбасада Меѓаши е 02/2465316