Малтешки министер со месеци се допишувал со обвинет за убиство на новинарка

Министерот за правда на Малта разменил стотици пораки на апликацијата „ВацАп“ со човекот кој е осомничен дека стои зад убиството на новинарката Дафне Каруана Галициа која загина во октомври 2017 година во експлозија на автомобил-бомба во близина на нејзиниот дом, пренесува хрватски „Индекс“.

„Тајмс оф Малта“ пишува дека министерот Едвард Замит Луис и осомничениот Јорген Фенех размениле повеќе од 700 пораки помеѓу јануари и октомври 2019 година. Бизнисменот Фенех кој е обвинет за вмешаност во убиството на новинарката беше уапсен во ноември минатата година.

Министерот не негираше дека се допишувал со Фенех, но истакна дека го прекинал контактот со него многу долго пред тој да биде уапсен.

Замит Луис во јули рече дека „нема никаква врска“ меѓу него и Фенех, но призна дека го познава.

„Во мала држава сме, секој се знае со секого“, рече тогаш Замит Луис.

Замит Луис во владата на Малта се врати во јули 2019 година како министер за еднаквост, а министер за правда стана во јануари оваа година.

Пораките од апликацијата ќе бидат презентирани пред судот следниот месец. Каруана Галиција беше популарна блогерка која пишуваше за корупцијата во малтешката влада, а ги истражуваше и „документите од Панама“, со кои се обелоденија различни даночни измами низ светот.

Медиумот „Политико“ ја нарече „Викиликс во една личност“, а нејзиниот син кој е исто така новинар, во неодамнешна изјава за црногорските медиуми изјави дека тој исто така го истражува и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Фенех на полицијата им соопшти дека имал и група на „ВацАп“ со поранешниот малтешки премиер Џозеф Мускаст и шефот на неговата канцеларија Кит Шембри.

Бизнисменот тврди дека зад убиството всушност стои Шембри и дека Мускат знаел за обидот да се прикрие злосторството.