Лукашенко ѝ се заблагодари на руската телевизија „РТ“ затоа што им дале новинари кои ќе работат во државните медиуми во Белорусија

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ѝ се заблагодари на руската телевизија „РТ“ затоа што на белоруските државни медиуми им даде новинари, откако стотици вработени ги напуштија медиумите протестирајќи против неговото владеење, пренесува хрватски „Индекс“.

Некои од белоруските медиумски работници ги напуштија своите работни места за време на тринеделните протести кои започнаа по претседателските избори на 9 август, за кои противниците на Лукашенко тврдат дека се наместени.

Русија, која е близок сојузник на Минск, му помогна на Лукашенко да го надмине најголемиот предизвик во неговото 26-годишно владеење досега, обезбедувајќи му дипломатска и друга поддршка, ветувајќи дека ќе помогне и воено доколку тоа биде потребно.

Лукашенко рече дека „РТ“, медиум претходно познат како „Russia Today“ кој има поддршка од Кремљ, одигра клучна улога во одржувањето на работата на белоруските државни медиуми откако голем број вработени заминаа.

„Разберете колку бевте важни за нас во овој тежок период. И техничкото знаење што го покажавте, вашите ИТ експерти, новинари, дописници и вашиот директор. Тоа многу вреди. Благодарен сум за таа поддршка“, изјави Лукашенко во вторникот во интервју за „РТ“.