Критична маса #64: Вело град во еден мандат

Неформалната иницијатива НаТочак во последната среда од август (30.08) повикува на нова, 64-та „Критична маса“. Велосипедистите овој пат од плоштадот „Македонија“ од 19 часот ќе возат под мотото „Вело град во еден мандат“.

Од НаТочак изминативе денови веќе потенцираа дека политичките решенија за унапредување на урбаниот велосипедизам се должност во партиските програми. Постоењето стратегија за сообраќајните проблеми преку стимулирање развој на безбеден велосипедски сообраќај, велат тие, не е луксуз, туку напротив неопходност.

„Тоа ќе им помогне на нашите градови да бидат сигурни, пристојни, базирани на човечки суштества кои патуваат со брзини при што можат да комуницираат, да се насмеат еден на друг, да застанат со желба да разговараат и да не претставуваат потенцијално смртоносна опасност за другите. Кампања за достоинствено Скопје НаТочак!“, соопштија од НаТочак.

Исто така, потенцираа дека урбаниот велосипедизам како составен дел од секојдневното живеење мора да биде застапен во програмите на кандидатите за градоначалник.

„Имање стратегија за добивање на што повеќе луѓе на две тркала низ градот е неопходно за подобро јавно здравје, намалено загадување, побезбедни патишта, транспорт попристапен за помладите и постарите, раст на продуктивноста на работниците, едноставно обновување на живливоста на средините во кои живееме. Кампања за урбано Скопје НаТочак!“, велат од велосипедската иницијатива.

Инаку, во пресрет на локалните избори, НаТочак сплотена со ограноците низ Македонија на 25 август испрати допис до сите политички партии со препораки за унапредување на велосипедскиот сообраќај. Предлозите ги групираа во три главни точки.

„1.Инфраструктура и безбедност – воспоставување на нова, подобрување и тековно одржување на постоечката велосипедска инфраструктура (велосипедски патеки, ленти, слеани рабници, поставување на столпчиња, отстранување на пречките и создавање услови за непрекинато движење, поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација, паркинзи за велосипеди, обележување на ленти во спротивна насока на еднонасочните улици, придржување кон правилникот за изградба на стандардни велосипедски патеки/ленти, успорување на моторизираниот сообраќај во населени места преку инфраструктурни решенија – легнати полицајци, стеснување на лентите, ограничување на брзината на креирање зони 30 км/ч).
2.Поттикнување на велосипедскиот сообраќај во рамки на општината (финансиска поддршка/олеснување на набавка на велосипеди, креирање на систем за станици за изнајмување на велосипеди, поставување сервисни пунктови).
3.Образование и подигнување на свест – формална едукација на најмладите во предшколската возраст, школска едукација за јавната добробит и придобивките од користење на велосипедот како превозно средство наспроти моторозираниот сообраќај, едукација на идните возачи преку автошколите за однос кон ранливите учесници во сообраќајот“, стои во дописот на НаТочак до политичките партии.