Критична Маса #61 во Битола – Од новата гарнитура сакаме вело инфраструктура

Во четврток (23 септември)во Битола ќе се вози 61-вата Критична маса со која луѓето кои возат велосипеди ќе побараат од идниот градоначалник на градот „визија за еден похуман и попријателски град со фокус на луѓето, а не исклучиво за моторните возила како што е сега“. Зборно место е плоштадот „Магнолија“ во 18 часот.

„Луѓето сакаат да го чујат она на кое се навикнати, сакаат да им бидат потврдени навиките кои си ги имаат и ретко сакаат да ги променат, дури и кога тоа е на подобро. Политичарите најчесто играат на картата на помал отпор, дури и кога тоа е по цена на квалитетот на живот на луѓето. Од друга страна, должност на еден кандидат за градоначалник или советник е да знае за предностите и последиците од различни видови на политики (про-автомобилски или прозелен транспорт), должност е да биде во тек со трендовите во светот (car free градови) и должност е да учи од искуствата на други градови (од грешките и од позитивните искуства) и за тоа да ги едуцира и информира граѓаните“, порачуваат велосипедистите.

Тие со оваа Критична маса бараат буџет за здрава животна средина, побезбеден и  помалку хаотичен сообраќај со фокус на луѓето, еко-свесно планирање и сеопфатна вело мрежа, но и безбедни вело паркинзи,  како и давање личен пример од администрацијата и градските власти.

„Заложбите за развој на градот во пракса преку личен пример. Ќе тргнеме од себе за промена на градот. Градската администрација на работа пеш, со точак или јавен превоз. И се разбира јас и мојот најблизок тим нема да користиме возило, уште помалку службено за доаѓање на работа, ќе користиме велосипеди (свои или изнајмени), ќе доаѓаме пеш или со јавен превоз. Само така ќе дадеме личен пример и ќе покажеме колку се нашите заложби искрени, но исто така ќе имаме поголем допир со реалноста во која живееме, полесно ќе ги забележуваме и суштински ќе ги решаваме проблемите. Па очекуваме тој пример да го следат и другите политичари“, порачуваат битолските велосипедисти.