Конференција: Архивирањето на македонското општество во длабоки проблеми

На синоќешната регионална конференција „Како да се архивира културата за граѓански промени“ во организација на ФРУ, која се одржа во ГЕМ клубот во Скопје, панелистите од Македонија и регионот ги изложија најзначајните проблеми со кои се соочуваат при обидот да ја архивираат работата на независните културни иницијативи, граѓанските форми на отпор, како и колекциите на националните институции.

Истражувачите, антрополозите, историчарите на уметност, кураторите во националните музеи и галерии, како и граѓанските активисти, истакнуваат дека на архивирањето на податоците за општествените случувања и уметноста во Македонија не му се обрнува потребното внимание. Националните музеи и галерии немаат ниту функционална и поврзана дигитална база на податоци каде што би можеле да се пребаруваат архивите на овие институции. Сите обиди да се мрдне од мртва точка на тоа поле завршувале неславно, првенствено поради немање волја идејата да се истурка до крај.

Анита Ивковиќ, историчарка на уметноста и претседателка на организацијата „Центар за современа уметност“ од Скопје, се наврати на идејата за креирање на дигитална база која би ги инкорпорирала архивските податоци од неколку национални музези и галерии во Македонија, идеја која пропаднала бидејќи институциите немале интерес да соработуваат

„Од Центарот за современа уметност во 1998 година произлезе идејата да се направи една дигитална датабаза на севкупните архиви на неколку институции: Музејот на современата уметност, Музејот на град Скопје, Националната галерија и Уметничката галерија од Битола. Сето тоа за жал не успеа. Ние ја направивме базата, се одржаа обуките и потоа се соочивме со отпор од вработените во институциите кои што немаа желба понатаму да се вклучат во проектот – рече Ивковиќ.

Зоран Петровски, историчар на уметноста и кустос во Музејот на современа уметност, истакна дека во времето на Југославија имало функционален аналоген систем на архивирање кој подразбирал и размена на каталози со другите институции од регионот, а сега постои само интерна дата база на музејските колекции и архивирањето се сведува на следење на само неколку печатените медиуми што е неприфатливо за денешно време.

„Идејата да се направи независен центар за документација на современената уметност во Македонија, никогаш не се реализира, поради фактори како немање на доволно финансии, а и недостиг на упорност тоа да се истурка до крај“, посочи Петровски.

Тој исто така ја презентираше и онлајн платформата – проект на асоцијацијата на ликовни критичари и куратори на Македонија (AICA), која тековно ја надоградуваат.

Илина Јакимовска, авторка и професорка на Институтот за етнологија и антропологија на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, преку практични примери од праксата ги посочи проблемите со кои се соочуваат истражувачите и антрополозите во Македонија.

„Темите поврзани со формите на отпор се доста привлечни за истражувачите, но истражувањето на крај може да се претвори во разузнавачки извештај за центрите на моќ, бидејќи содржи детални описи за изворите, односно информерите“, вели Јакимовска, додавајќи дека ова неретко води до етичка недоумица за почитување на приватноста на изворите кои говорат за сензитивни теми од една страна и почитување на ригидниот систем на архивирање кој бара детални податоци од друга страна.

Бојан Иванов, историчар на уметноста, кој учествуваше во неодамнешното издавање на книгата на Џон Блеквуд „Критичка уметност во современа Македонија“, ги проблематизираше и самите обиди тековно да се категоризираат и етикетираат околностите како критички или активистички.

„Книгата „Критичка уметност во современа Македонија“ е дело на авторот, а јас сум само издавач. Таа книга е исто така попатен резултат, како што се попатни сите обиди за архивирање што ги спомнавте овде – никогаш довршени, никогаш до крај заокружени. Цело време зборуваме за „работни обиди“, „работни верзии“ и „недовршени ситуации“. Мислам дека има огромно лицемерие во самиот обид да се архивира нешто и тековно да се одредуваат тие граници на тоа што е критичко, што е ангажирано, што е активизам и така натаму. Во моментов главните работи се одвиваат на улица, а не овде на маса“, рече тој.

Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста од „Кoнтрапункт“, се осврна и на двата поима во фокусот на конференцијата: архивирањето и отпорот.

-Иако немам архива ниту на сопствените текстови, свесна сум за исклучителната важност на архивирањето, на улогата на сведокот. Што се однесува пак до отпорот,  во 90те години, ние всушност и не зборувавме за отпор. Она што го правевме го нарекувавме алтернатива и создавање на современа култура која што ќе произведува нова вредност. Ние сега западнавме во замката на актуелниот политички момент и не говориме за производство на нови вредности. Постојано сме во таа дефанзивна напрегнатост и отпорот го артикулираме преку одбрана – вели Гешоска.

Ивана Драгшиќ, социолог и член на „Плоштад Слобода“, вели дека на архивирањето  гледа како механизам за борба против некаква хегемонија, патријархални дискурси и митови.

„Меѓутоа, архивата од една страна е механизам против тие митологизации, но истовремено и алатка за креирање на истите. Токму тоа се случува и кога говориме за граѓанскиот отпор. Главниот извор на отпорот кој сметам дека треба да биде архивиран е проектот Скопје 2014, а денешната перспектива е „Се почна од студентите“. Значи нашиот заеднички отпор против Скопје 2014 е нерелевантен и не постои“, истакна Драгшиќ.

На панелот учествуваа и Гордан Босанац, програмски координатор во организацијата „Центар за мировни студии“ во Загреб, кој ја изложи накратко реализацијата на идејата да се архивира една своевидна повест за хомосексуалноста во Хрватска. Присутни беа и Рок Вевар и Јасмина Железник од Словенија. Вевар го направил првиот словенечки архив на танцот, додека Железник зборуваше за супкултурата во Љубљана.

Во изминативе неколку дена, се одржаа повеќе настани насочени кон проблемот со архивирањето. Регионалната конференција „Како да се архивира културата за граѓански промени?“, работилницата „Архивирање на прекаријатната работа“ и прикажувањето на претставата „Битката на Неретва“ од Борис Бакал, во склоп на проектот „Култура за граѓански промени“ како продолжение на активностите на Фестивалот за современи уметности ПОП АП АКТО, организиран од ФРУ – „Факултет за работи што не се учат“.