Концерт на Stylish Nonsense во Ла Кања

Stylish Nonsense во понеделник (11 ноември) од 21 часот во Ла Кања ќе одржат концерт како дел од промотивните настани за седмото издание на мултимедијалниот фестивал „Под зејма полесно се дише“.

Stylish Nonsense се електронско дуо од Банкок (Тајланд)  кое го сочинуваат Јутана Каламбахет (Yuthana Kalambahet) и Ванарит Понгпрајун (Wannarit Pongprayoon). Започнуваат да создаваат музика во далечна 1993 година, користејќи рудиментарна музичка опрема. Низ годините еволуираат во бенд препознатлив по суптилното чувство за импровизација и слободното танцување помеѓу различни музички стилови, од пост-панк до винтиџ фанк. Секој нивни перформанс е различен од претходниот, уникатен и непредвидлив, а енергијата заразна.

Зад себе имаат бројни  соработки со познати музичари од експерименталната и импровизациска музичка сцена, а последната која датира 2018 година е со финскиот саксофонист Jimi Tenor.

Ден претходно (недела, 10 ноември), Stylish Nonsense  ќе настапат во живо на Канал 103, во рамки на радио серијалот “Ако никој не свири“.

Седмото издание на мултимедијалниот фестивал “Под земја полесно се дише“ ќе се одржи на 28 декември на добро познатата локација – во гаражите под плочник.