Концерт на Палиндром и изложба на Бранкица Јордановска утре пред „Ла Кања“

*Поради најавите за врнежи на дожд, настанот е одложен и презакажан за среда, 3 февруари.

Третиот настан „Млади за Скопје“ го закажа за утре (31 јануари), на уличката пред „Ла Кања Бар“ во Старата Скопска Чаршија. Почнува во 18 часот, а е најавен концерт на „Палиндром“ и изложба на Бранкица Јордановска.

Палиндром се Ерик Омерагиќ (бас), Филип Поповски (бас) и Кристијан Новковски (тапани). Разноврсните музички вкусови и невообичаениот состав (со две бас гитари) доведува до уникатен авторски израз, во кој се чувствуваат влијанија од noise, стонер-рок, денс-панк, пост-рок и слободна импровизација – вклопени во еден суптилен и хомоген стил. Палиндром се повеќе од обичен бенд, тие се доживување. До сега го имаат изададено нивниот прв албум “Desert Y” во 2017 година.

Бранкица Јордановска е ликовен уметник, живее и твори во Скопје. Средно завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеновски“ во Скопје на отсекот Дизајн на текстил и облека. По завршување на своите додипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ја стекнува титулата Дипломиран графичар со графички дизајн. По дипломирањето се фокусира да работи со акварел и се обидува да го усовршува својот стил. Главните теми што ја привлекуваат се циркузот и изопаченото во секојдневието, костими и театарски маски. Најчесто нејзините чувства ги одразува во невообичаени и вознемирувачки елементи на природата. Со нејзините дела има учествувано во повеќе групни изложби. Освен ликовната творба таа се занимава и со други техники, па така има цртано илустрации за книги. Заедно со други уметници има цртано мурали. Во склоп на проекти таа има изработено повеќе авторски костимографии за разни театри и културни установи. Во моментот работи во Театарот за деца и младинци во Скопје. Член е на колективот „Кула“ и дел од oрганизацискиот одбор на фестивалот „Под земја полесно се дише“ што годинава го слави осмото издание.

„Овој настан го посветуваме на Тамара Тодоровска  која животот го загуби во сообраќајна несреќа во 2017 година. Тамара беше еден од основачите и главен двигател на проектот Млади за Скопје. Тамара ќе наполнеше 23 години на 23/12/2020…Засекогаш ќе остане во нашите срца и мисли!“, велат „Млади за Скопје“.

Настанот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки поради коронавирусот. Капацитетот на публика е строго ограничен во согласност со протоколот на владата.