Комеморативна седница по повод смртта на Борис Ноневски во Кинотека

Во Кинотеката на С. Македонија вчера се одржа комеморативна седница по повод смртта на Борис Ноневски (1948-2021), истраен истражувач, посветен филмолошки работник, голем вљубеник во филмот и во својата земја, неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, човек кој со своето дело остави трајна трага во македонската култура.

Пред членовите на семејството на Ноневски, колегите, пријателите и почитувачите на неговиот лик и дело се обрати Петар Волнаровски, раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност.

Борис Ноневски беше роден во 1948 година во Претор. По завршувањето на основното и средното образование, дипломира на Факултетот за политички науки во Белград, за да се вработи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976-та година повторно е во Белград, сега како уредник во ренимираното и престижно теориско списание „Социјализам“, во кое свои текстови објавува интелектуалната елита на тогашна Југославија. И самиот Ноневски често пати е автор на текстови што предизвикуваат внимание и полемики во тогашната југословенска и македонска општествено-политичка и културна јавност.

Во 1987 година се враќа во Македонија, каде што е избран за директор на Кинотеката на Македонија, основана во претходната деценија. Ноневски беше директор на Кинотеката во два наврата, во повеќе мандати, во периодот од 1987-1998 година и од 2002-2007 година, сè на сè – повеќе од шеснаесет години.

Со своето доаѓање во Кинотеката, Борис Ноневски особено се посвети на она што беше негов примарен професионален интерес, особено ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност, преку организација на симпозиуми, со учество на ренимирани гости од земјава и странство и публикација на трудови, така што, дејноста на Кинотеката во тој поглед ја издигна на рамниште на своевиден филмски институт.

Борис Ноневски беше најзаслужен и за покренувањето на списанието за филм , списанието за историја, теоријата и културата на филмот и другите уметности – „Кинопис“, на чии страници во изминативе триесетина години свои текстови оставиле најзначајните филмски историчари, критичари, теоретичари и аналитичари од земјава и од странство. Под негово раководство започнаа и првите сериозни проекти за заштита на македонската филмска историја преку изработка на нови филмски копии, меѓу кои особено се истакнува заштитата на севкупниот филмски фонд на браќата Манаки. Ноневски е залужен и заради фактот што ние сме меѓу ретките земји во светот со изготвена и објавена интегрална филмолошка студија за целокупната национална играна продукција (Мирослав Чепинчиќ, ‘Македонскиот игран филм’, во два тома) и општа историја на светскиот филм (Георги Василевски, ‘Историја на филмот’, во четири томови).

Ноневски, како директор на Кинотеката, во 1993 година го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му додели високо одликување, „Витез во редот на уметностите и литературата“.

Беа прочитани и телеграмите со сочуство од министерката за култура, проф. д-р Ирена Стефоска, и директорот на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер. Тие потсетија на трагите што Ноневски ги остави во македонската култура.