Кинески стартап направи машина за бакнување на далечина

Кинеска стартап компанија создаде машина за далечинско бакнување, која ги пренесува податоците од бакнежите низ сензори за допир скриени во силиконски усни, кои истовремено се движат кога се регистрира повратен бакнеж.

Направата наречена МУА, по звукот кој вообичаено се испушта при бакнување, истовремено испушта звук и малку се загрева за време на бакнежот, што го прави целото доживување поавтентично, велат од кинеската компанија „Сивеифуше“.

Корисниците дури можат да преземат податоци за бакнежи кои ги оставиле други корисници преку апликацијата на направата.

Машината била инспирирана од изолацијата за време на пандемијата. Во најострите карантини во Кина властите забрануваа граѓаните да ги напуштаат домовите и по цел месец.

„Тогаш бев во врска, но не можев да се најдам со мојата девојка поради карантините“, објаснува иноваторот Жао Џианбо.

Направата се продава на онлајн шопинг сајтот Таобао и чини 38 долари

Тој тогаш бил студент на Филмската академија во Пекинг и својот дипломски труд го насочил кон проект кој би помогнал во недостатокот на физичка интимност при видео-повици. Подоцна ја основал компанијата „Сивеифуше“ и машината МУА како прв пронајдок на стартапот.

Направата во моментов чини 260 јуани (38 американски долари), а во првите три недели од лансирањето на производот продадени биле 3.000 машини за бакнување, а компанијата добила дополнителни 20.000 нарачки, вели Џианбо.

МУА наликува на држач за телефони каде на едната страна има безбојни усни. За да се користи направата мора да се преземе апликација на телефонот и да се поврзе со машината. Потоа кога корисниците ќе ја бакнат направата, таа го возвраќа бакнежот.

Направата засега има измешани оценки од корисниците. Дел од нив велат дека искуството било интересно, додека други се пожалиле дека чувството е непријатно. Меѓу најчестите приговори било тоа што направата нема јазик.

„Многу непријатно, чувството не е како да се работи за вистински бакнеж“, напишал еден корисник на платформата за онлајн шопинг, Таобао.

Други пак велат дека направата им помогнала во нивните врски на далечина.

„Претходно можев да ја видам, но не можев да ја допрам. Сега постои производ кој ни помага да направиме бакнеж“, напишал еден задоволен корисник на машината.