Жена во Кина преминала на 49 црвени светла со автомобилот на поранешното момче поради одмазда

Жена во Кина поминала на 49 црвени светла со автомобилот на поранешното момче за да му се одмазди за неверството, пренесува „Индипендент“.

Жената која живее во реонот Женџанг во источна Кина била уапсена од полицијата откако поминала на 49 црвени светла со автомобилот на нејзиното поранешно момче.

Од полицијата истакнале дека таа ги прекршила сообраќајните правила 50 пати во рок од два дена. Таа поминала 49 пати на црвено, а преостанатиот прекршок е за забрзување.

Властите ја привеле жената.

Жената која е идентификувана како Лу, побарала од нејзин пријател да најми автомобил од сопственикот Кјан. Пријателот го најмил автомобилот од Кјан, при што заедно со Лу направиле 50 сообраќајни прекршоци, по што тие биле приведени од полицијата.

По испитувањето, полицијата утврдила дека Лу и Кјан биле поранешни партнери кои ја прекинале врската бидејќи Кјан извршил неверство.

Одмазничкото сценарио начелно било сковано од Лу, која била бесна поради неверството.