Кинески модерен танц „Будење“ на 12 февруари во МНТ

Во Македонскиот народен театар на 12 февруари ќе се одржи „Будење“ – модерен танц од Кина во режија на Шјуесонг Ванг, а во изведба на „Guangdong Song & Dance Theater“.

„Будење“ ја раскажува приказната за едно девојче коешто случајно се родило на село, наспроти очекувањата да се роди во некој голем и модерен град.

„Соочувајќи се со истите животни ситуации како и секоја друга девојка, нејзината приказна станува посебна. Придружете ни се за да видите како таа се соочува со предизвиците во животот и љубовта, и постапува како зрела и возрасна личност во сите нејзини успеси и падови“, објавија од МНТ.

Развојот на дејството во „Будење“ содржи стилски фигури, како што се на пример, метафора и имперсонација. Инспирирана од принципите на современите изведувачки уметности, „Будење“ ги спојува традиционалната кинеска изведувачка уметност и дисциплината таи чи.

„’Будење’ ја обработува темата за бесконечноста на природата, истакнувајќи ја позитивната врска помеѓу човекот и природата и помеѓу човекот и животот од перспектива на модерната естетика“, се вели во најавата за настанот.