Кина пријави 60.000 смртни случаи од Ковид-19 за еден месец

Кина пријави 60.000 смртни случаи од Ковид-19 откако пред еден месец ги укина здравствените мерки, пренесува „Euronews“.

„Вкупно 59, 938 смртни случаи биле регистрирани помеѓу 8 декември и 12 јануари 2023“, се вели во соопштението на здравствените институции.

Во рамки на извештајот не се предвидени смртните случаи надвор од болниците и другите здравствени установи.

Според извештајот, 5503 смртни случаи од регистрираните, биле предизвикани од респираторни проблеми.

По три години прогласување на едни од најстрогите здравствени рестрикции во светот, Кина наеднаш ги укина здравствените мерки против ковид на почетокот на декември.

Од тогаш, бројот на заболени од ковид се зголемил многу брзо. Болниците немале капацитети за примање на пациенти. Пекинг во декември ја смени методологијата за броење на смртните случаи од ковид, па сега во статистиките се бројат само оние лица кои починале од респираторни проблеми предизвикани од ковид.

Контроверзната промена на методологијата значење дека голем број од причините за смртност не се земени предвид.

Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела ја искритикува новата дефиниција за смртност од ковид, велејќи дека е премногу исклучувачка.