Катарзина Прускиевич, новинарката инфилтратор во фарма на тролови е говорник на ENGAGE 2020

Како изгледа еден Твитер трол? Иако сме сигурни дека многумина од вас имаат слична слика во глава, сепак сакаме да го срушиме стереотипот.

Катарзина Прускиевич е 23-годишна новинарка, која лани помина шест месеци спамирајќи дезинформативна политичка содржина од лажни Твитер профили. Доста популарна активност деновиве, нели?

Како дел од Фондацијата на известувачи (конзорциум на полски истражувачки новинари), Катарзина се инфилтрираше во самонаречена „е-ПР фирма“ во Вроцлав. Додека работела прикриено, Катарзина доби редов увид за тоа како се користат лажни профили на социјалните медиуми од приватни фирми, за да влијаат на гласачи и корисници.

Новинарката Прускиевич e дел од говорниците на ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22 февруари со почеток во 12 часот во МКЦ, Скопје. Таа ќе зборува на темата „Ифилтрирање во фарма на тролови како прикриен известувач, искуството и цели“.

По барање на новинарката, нејзиниот говор на „ENGAGE“ нема да се стрима, бидејќи таа се уште истражува и „лови“ слични случаи.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.