Карпош објави онлајн анкета за новиот изглед на салата „Партизан“

На веб страницата на Општина Карпош поставени се двата идејни проекти за новиот изглед на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ (позната како „Партизан“). Граѓаните имаат можност да се запознаат со идејните проекти кои се подготвени од македонски и странски архитекти и преку анкета да гласаат за новиот изглед на објектот.

Од Карпош велат дека можноста за гласање за еден од понудените проекти ќе трае 10 дена, од денот на поставувањето на веб страницата на Општината, поточно од 8 до 18 февруари.

„Двата идејни проекти го задржуваат автентичниот изглед на салата, но вметнати се и нови содржини, со цел ‘Партизан’ да се прилагоди на новото време и да добие во мултифункционалност“, велат од Карпош.

Идејните решенија се изработени на волонтерска основа, од архитекти – членови на Меѓународната невладина организација „Културно ехо“.

Организацијата за Радио МОФ веќе рекоа дека „Партизан“ е донација од францускиот народ по катастрофалниот земјотрес во Скопје, односно овој спортски објект е синоним за пријателството помеѓу македонскиот и францускиот народ.

„За жал, овој ‘синоним’ за нашето пријателство со години беше рунирано и обезвреднето, односно претставуваше закана за локалното население. Во овој простор се родиле многу спортски таленти, односно зачетоците на спортот во Скопје, се токму во Соколоната, односно спортскиот објект кој бил срушен за време на земјотресот, а се наоѓал на денешната локација на ‘Партизан’“, рекоа од „Културно Ехо“, надевајќи се дека во административниот дел ќе обезбедат канцеларии за невладиниот сектор, мало катче каде ќе има можност за состаноци и да се развиваат идни идеи и проекти.

[Фото] Руинираниот „Партизан“ во потрага по нов живот

Исто така, нагласија дека наскоро ќе потпишат и меморандум за соработка со Општина Карпош во однос на целиот процес на ревитализација на салата „Партизан“.

„Сакаме да на напоменеме, дека просторот како ресурс е исклучително важен за градот, и одкако градот ќе го изгуби овој ресурс, тоа е неповратен процес“, рекоа од „Културно ехо“.

Општина Карпош вели дека овој култен спортски објект, при крајот на 2019 година, беше вратен на трајно користење на Општина Карпош.

„Локалната самоуправа веќе презема активности за негово оградување, а по изборот на идејното решение ќе следува и подготовка на основен проект. За реконструкција на ‘Партизан’ се предвидени средства од Агенцијата за млади и спорт“, соопштуваат од Карпош.