Јавна дебата за иселувањето на младите од државата

Здружението за граѓански и младински политики ЦЕНТАР ЗА ЕВРОПСКИ ИНИЦИЈАТИВИ Скопје организира експертска дебата на тема: ,,Актуелните предизвици на процесот на иселување на високообразувани млади луѓе од Република Македонија’’

Дебатата ќе се одржи во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) – Голем амфитеатар на 4 февруари 2016 година, со почеток во 10 часот.

На дебатата ќе учествуваат: Влатко Поповски – директор на Агенцијата за вработување на Р. Македонија; проф. д-р Аница Драговиќ – продекан на Филозофскиот Факултет, чија специјалност се демографските промени и движења; проф. д-р Диана Белевска, др.сци. клинички психолог и претставник од бизнис секторот, кои од своја перспектива ќе го анализираат проблемот на одлевање на образовани млади луѓе од Република Македонија.

„Трендот за иселување на младото и работоспособно население од државата во последните години се повеќе расте со што Република Македонија секојдневно се повеќе ‘старее’ и го губи своето активно население. Последните случувања, коментари и актуелности беа мотивот да започнеме со работа во полето на младите и да го анализираме пробемот со отселувањето на младите интелектуалци од Македонија. Целта на дебатата е да се анализира постојната ситуацијакако и да се постави теренот за идна соработка и креирање младински политики за спречување на одлевањето на високообразувани млади луѓе од државата и подигнување на свеста за можностите дома“, велат организаторите на дебатата.

Центарот за Европски Иницијативи (ЦЕИ) претставува организација чијашто мисија е промоција на европските вредности преку поттикнување на граѓаните, а особено на младите, да придонесат кон унапредување на граѓанското општество, демократијата, владеењето на правото и човековите права.

Ставовите од дебатата ќе бидат споеделувани на twitter во реално време и ќе може да се поставуваат прашања со користење на #mladinskoiseluvanje или @cei_macedonia.