Изложба „Метаморфози на линијата“ на Демниевска во Чифте Амам

Мини ретроспективна изложба на македонската уметница Евгенија Демниевска, со наслов „Метаморфози на линијата“, ќе биде отворена на 5 октомври во 19 часот во Националната галерија на Македонија, објект Чифте Амам, а ќе трае до 29 октомври.

Изложени ќе бидат меѓу 50 и 60 уметнички дела кои го прикажуваат патот на уметницата, која долги години живее надвор од Македонија. Од нејзините студентски денови, до тоа што го прави сега.

„На оваа изложба се избрани делата кои прикажуваат како се развивала идејата од почеток досега. Уметноста зборува за светот, каде се појавува идентитетот на светот. Тука има различни дела. Има еден дел каде се занимавам со слики во кои го прикажувам просторот, каде се наоѓа тоа што го гледаме, во кој простор, каде се појавува идентитетот на нештата“, рече Демниевска на пресконференција.

Таа посочи дека изложбата е насловена „Метаморфози на линијата“, но, како што појасни, не се мисли само на линијата која е насликана, се мисли и на телефакс проекти, интернет проекти кои ги реализирала со многу учесници, уметници и публика која учествува во тие проекти на настани во исто време по повеќе градови.

„Тоа е друг вид творештво. Постојано правам многу експерименти со материјали. Сликав и на свила, пластика…Ќе има мало изненадување за посетителите на изложбата кое се вика „Мултиверзум на Евгенија и пријателите“, додаде Демниевска.

Ана Франговска, куратор на проектот, рече дека Демниевска создава слики, цртежи, графики, инсталации, видео арт, звучни инсталации итн.

„Ретко имаме можност да ја видиме Евгенија Демниевска во Македонија, иако нејзиното потекло е од тука и врши голем импакт врз нејзиниот ликовен израз. Мојата покана за да се направи една нејзина мини ретроспектива ја прифати“, додаде Франговска.

Евгенија Демниевска е родена во 1946 година. Има дипломирано на Академијата во Белград каде ја завршува магистерската. Оттаму оди на постдипломски студии во Јапонија, каде живее четири пет години. Се стекнува со диплома магистер по уметност и се запознава со источната филозофија, со сите предизвици на јинг и јанг, на каратето како боречка вештина…Таа веќе 30 години живее во Франција.