Изложба „Асемантички записи“ на Ивона Тричковска во МКЦ

Во галеријата на Младинскиот културен центар на 28 февруари од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Асемантички записи“ („Asemic Schreiben“) на Ивона Тричковска.

„Асемантички записи“ премиерно реализирана изложба во Виена (2018), претставува континуитет на проектот Јазикот на ѕидот во Стариот амам во Тетово (2017).

„Составен е од насликани неврамени платна со нагласена ѕидна монументалност во кои доминира специфичен текстуален графицизам, а конципирани како елементи, кои го совладуваат галерискиот простор на специфичниот ентериер на традиционална османлиска градба како контрапункт на нејзините препознатливи стилски архитектонски содржини. Слободните мурални платна претставуваат полуапстрактни текстуални записи испишани на јазикот на асемантиката, имајќи предвид дека не само текстуалните инскрипции туку и гестуалните, неформални траги имаат своевидна знаковна носивост, извесна јазична текстура.

Асемантичката форма отвора простор за слободно интерпретирање, го сугерира и/или дедуцира знаењето на апстрактното уметничко дело, се користи со различни симболи, знаци, пиктограми и идеограми, апстрактни графити, нечитливи и недефрирани скрипти, чкртаници, несврзани зборови, калиграфски или палимпсестички кодови, предизвикувајќи го нашиот когнитивен рефлекс, навикнат на препознавање и толкување на визуелниот јазик, најчесто обидувајќи се да се извлече знаење кајшто тоа можеби и не постои“, се вели во најавата за настанот.

Инаку, Ивона Тричковска е дипломец на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, при одделот сликарство, а е вработена во Националниот конзерваторски центар како виш конзерватор – реставратор на иконописни дела.

Учествува на неколку изложби, ликовни колонии, семинари и презентации во Македонија и во странство. Од поновата авторска продукција се изложбите „Јазикот на ѕидот/Language of the wall“ (Тетово, 2017), „Asemic Schreiben/Асемантички записи“ (Виена, 2018), „Инит“ (Куманово, 2018).