Италијански историчар тврди дека го пронашол мостот во позадината на Мона Лиза

Мало гратче во Тоскана е исполнето со возбуда откако беше изнесено тврдење дека мостот насликан во позадината на најславниот портрет на светот – Мона Лиза на Леонардо да Винчи – им припаѓа ним.

Италијанскиот историчар Силвиано Винчети е убеден дека станува збор за мостот Ромито ди Латерина кој се наоѓа на пејзажот на енигматското ремек дело на Да Винчи и дека со тоа ќе се стави крај на мистеријата која предизвика безброј полемики во минатото. Мостот се наоѓа во Општината Латерина во провинцијата Арецо.

Да Винчи ја има насликано Мона Лиза во Фиренца во раниот 16-ти век, а идентитетот на жената која е прикажана на сликата, за која се верува дека е Лиза дел Џокондо, предизвикуваше исто толку шпекулации како и крајоликот во нејзината позадина.

Теориите во минатото се сомневаа дека се работи за мостот Понте Буриано, во близина на Ромито ди Латерина, или пак мостот Понте Бобио во северниот италијански град Пјаченца.

Но, користејќи историски документи и слики од дрон, и преку споредби на сликата и фотографии од локацијата, Винчети вели дека се работи за етрурско-римскиот мост – Ромито.

Главниот детаљ кој го открива вистинскиот мост според него е бројот на лакови. Мостот на сликата на Да Винчи има четири такви лакови, колку што има и мостот Ромито. Понте Буриано, пак, има шест лакови, додека Понте Бобио има повеќе од шест.

Денеска постои само еден лак од мостот Ромито, кој се протега преку реката Арно, како и основата на мостот на спротивната страна на реката. Винчети ја измерил широчината на реката и користејќи ја големината на преостанатиот лак утврдил дека четири лака би се совпаѓале совршено по должината на мостот.

Фото: Културна асоцијација „Ле Рока“

„Карактеристичниот тек на Арно низ локацијата содејствува со она што Леонардо го насликал во пејзажот на левата страна на жената портретирана на славната слика“, изјавил историчарот.

Документи кои припаѓале на семејството Медичи, кои беа пронајдени во градските архиви на Фриенца, покажуваат дека помеѓу 1501 и 1503 година овој мост бил многу прометен и функционален, објаснува Винчети. Мостот служел како скратен пат кој ги поврзувал Арецо, Фиезоле и Фиренца.

Винчети исто така нашол документи кои сведочат дека уметникот често престојувал во Фиезоле во тоа време заедно со негов чичко кој бил свештеник.

Симона Нери, градоначалничката на Латерина вели дека теоријата на Винчети предизвикало возбудување во гратчето во кое живеат нешто преку 3.500 луѓе.

„Мораме да се обидеме да го заштитиме она што е останато од мостот, за што се потребни финансии“, изјави таа на пресконференција за новинарите.

Таа додаде дека во моментов се прави велосипедска патека по течението на реката Арно, која поминува токму покрај она што е останато од мостот Ромито и се надева дека таа поврзаност со Мона Лиза ќе привлече повеќе туристи во местото.

Винчети и во минатото има изнесено повеќе тврдења околу Мона Лиза. Едно од нив е дека Леонардо Да Винчи користел и машки и женски модел при изработката на портретот кој се наоѓа во музејот Лувр во Париз.