Оштетено руско уметничко дело откако чувар од досада нацртал очи на ликовите

Вредно уметничко дело било вандализирано од чувар, кој на првиот работен ден, од досада нацртал очи на безличните фигури во Руската галерија.

Станува збор за сликата „Три ликови“ на сликарката Ана Лепорскаја, која е насликана меѓу 1932 и 1934 година и која е осигурена на сума од 75 милиони рубли (878.000 евра). Таа била изложена како дел од апстрактна уметничка изложба во Претседателскиот центар „Борис Јелцин“ во Екатеринбург во моментот кога чуварот и нацртал очи со пенкало.

Директорот на Центарот, Александар Дроздов, не го открил идентитетот на чуварот, но вели дека тој работел за приватна компанија за обезбедување и дека добил отказ.

„За среќа вандалот цртал со пенкалото без преголем притисок, па така потезите со четката во целина не се нарушени. Левиот лик исто така има мало оштетување на слојот боја кај лицето“, напишал новинарот Иван Петров за Уметничкиот весник од Русија.

Оштетувањето првично било забележано на 7-ми декември од два посетители кои за тоа ги известиле вработените во галеријата. Сликата е отстранета од изложбата и вратена во Галеријата „Третјаков“ во Москва од каде била позајмена.

Експертите за реставрација во „Третјаков“ процениле дека реставрациската работа ќе чини околу 250.000 рубли (скоро 3.000 евра).

Центарот „Борис Јелцин“ ја пријавиле штетата на полицијата на 20-ти декември, но министерот за внатрешни работи на Екатеринбург првично не покренал истрага бидејќи штетата ја оценил како „безначајна“. Руските медиуми пренеле дека потоа се пожалил министерот за култура и полицијата отворила истрага минатата недела. Осомничениот чувар се соочува со парична казна и до три месеци затвор.

Ова не е првпат во Русија да бидат вандализирани слики. Во 2019 година машко лице било осудено на 2,5 години затвор поради напад врз сликата „Иван Грозни и неговиот син“ на еден од најславните руски сликари, Иља Репин, откако ја искинал со шипка од оградата со која делото било заштитено. Истата слика била оштетена и во 1913 година од психички нестабилен човек кој ја избодел три пати со нож.