Ново поглавје во историјата на уметноста – Првпат продадено целосно дигитално уметничко дело за 70 милиони долари

Аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека успешно продале дигитален колаж на артистот наречен „Бипл“ за скоро 70 милиони долари, повеќе пари од многу физички примероци на уметнички дела од далеку попознати уметници.

Ова е прв пат голема аукциска куќа да понуди целосно дигитално уметничко дело на продажба, кое во себе содржи уникатен токен, кој претставува гаранција за оригиналноста. Истовремено ова е првпат да се користи криптовалута за да се купи уметничко дело на аукција.

Делото наречено „Секојдневие: Првите 5.000 дена“ беше продадено за 69,4 милиони долари на онлајн аукција, што го стави „Бипл“ меѓу тројцата највредни живи уметници, напишаа од „Кристи“ на Твитер.

„Бипл“, чие право име е Мајк Ванкелман оваа продажба ја нарече ново поглавје во исторјата на уметноста.

„Уметниците користеа хардвер и софтвер да создадат уметнички дела и да ги дистрибуираат на интернетот последниве 20 и повеќе години, но досега немаше начин за тие дела вистински да се поседуваат и да се набавуваат од колекционери. Со уникатниот токен како гаранција тоа сега е променето. Верувам дека сведочиме на почеток на следното поглавје во историјата на уметноста, дигиталната уметност.

„Кристи“ не го откриле купувачот на делото кое се состои од 5.000 поединечни дигитални слики поврзани меѓусебно од страна на „Бипл“ – кои претставуваат по еден различен ден од мај 2007 година.

Уникатните токени, се вид на криптографски токени кои електронски потврдуваат дека одредено дигитално дело е вистинско преку регистрирање на деталите во „блокчејн“. Токените се сè позастапени во онлајн колекционерството последниве години, како одговор на бумот во трговијата со криптовалутите. Тие се користат да докажат дека одреден предмет е уникатен и го решаваат проблемот со потврда на оригиналноста на дигитални содржини – како да се докаже сопственост врз нешто што многу едноставно може да се ископира во бесконечен број примероци.

Последно Американската кошаркарска асоцијација, НБА, се подготвува да понуди виртуелни спортски сликички кои ќе бидат осигурани со токени, додека Асошиејтед Прес нуди дигитални уметнички дела заштитени со уникатни токени во кое е прикажана мапата со последните резултати од претседателските избори во САД гледана од вселената.