„Откривање“ – Перформанс на Нина Нинеска во Мала Станица

Од 13 септември (вторник) во Мала Станица -Национална Галерија на Македонија ќе се одржува перформансот „Откривање“ на Нина Нинеска.

Перформансот се одржува во склоп на самостојната изложба на Нинеска, која е отворена од 1 септември и ќе трае до 18 септември. Изложбата е отворена за посетители од 10 до 18 часот, секој ден освен во понеделник.

„Во овој проект насловен ,,Откривање“, преку перформанс надополнет со просторно-амбиентална и скулптурална инсталација, кои визуелно ќе се надоврзат во просторот, Нина Нинеска се обидува да го интегрира гледачот во творечкиот процес, насочувајќи го неговото внимание кон себеси. Со самиот факт дека гледачот е оној што ќе прашува и со внимание ќе слуша, од пасивен набљудувач, тој преминува во активен чинител на дејствието, на кој авторката му ја дава слободата да ,,следи“, да ,,набљудува“, да
,,испрашува“, истражува и пред сé- да ,,доживува“ низ нејзиниот одговор“, пишува за перформансот Ангела Витановска, историчарка на уметност.

*Нина Нинескa e родена 1974 година во Скопје. Од 1992 -1996 година е студент на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, Вајарски оддел, под менторство на професорот Стефан Маневски. Дипломира на отсекот вајарство во 2005 година кај професорот Жарко Башевски како главен ментор и професорите Беди Ибраими и Васил Василев со Дипломскиот трудот „Реален и Виртуелен Имиџ„.

Уште од студиски денови ја истражува геометријата, минималниот начин на ликовното изразување низ конструктивистичката скулптура и нејзиното влијание на свеста кај човекот станува нејзина главна област на истражување. Низ идеологијата на конструктивизмот и релацијата на геометрискиот баланс со прецизност на волуменот од празниот простор кој земно го претставуваат скулптуралното дело ја воведе во себе-запрашувањето, и низ ова проникнува во областа на Светата Геометрија.

Во 2010 година ја напушта корпоративната работата како Специјалист за Маркетинг Комуникации и Бренд Амбасадор на компанијата Т-Mobile Македонија и се посветува на истражување на геометријата, звукот и светлината низ петте основни геометриски солидни форми на Платон, Петте фамилии на Будниот со влијание од Метафизичкиот жаргон: “Целава креација е последица од манифестација на свеста низ светлина, звук и геометрија“. Од ова истражување кое сеуште трае, досега произлегоа неколку проекти на самостојни изложби со скулптури и принтови, инсталации со перформанс на отворен простор, колекција на светилки и колекции на накит.