„Стадо“ – изложба на Dreadpen и Ања Калин

Младите уметници Давид Ристевски, познат како „Drеаdpen“ и Ања Калин ја отвораат својата изложба „Стадо“. Иложбата ќе биде отворена во четврток, на 9 септември во Младинскиот културен центар со почеток во 19 и 30 часот.

Во фокусот изложбата ќе бидат секојдневните проблеми и негативните општествени појави, како и барањето начин да се поттикне нивното решавање. Фотографиите зборуваат за неправдата, бездомништвото, климатските промени, лошото образование, половата (не)еднаквост, дискриминацијата, како и за булингот.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени фотографии од нашето поднебје, кои ќе ги опфатат негативните општествени појави, но и ќе ги претстават на еден поширок, глобален план. На отографиите ќе бидат застапени и илустрирани елементи, кои ќе го потенцираат односниот проблем и ќе го надополнат неговото значење.

„Општествените проблеми што нè опкружуваат локално се само мал исечок од големата глобална слика на светот што се менува со молскавична брзина, најчесто на полошо. Сите тие појави што на кој било начин ни будат непријатни чувства и ни го отежнуваат секојдневното живeење, без прашање влегувајќи во нашиот личен простор и слободата на изразување и живеење, најчесто лесно и бесрамно се игнорираат и само фиктивно се решаваат. Секој проблем има своја етикета, речиси никогаш не е обратно. А од друга страна, етикетите и нивното лепење најчесто не се никаков проблем“, објаснуваат организаторите.

Покрај комбинацијата на фотографии и илустрации, уметниците најавуваат дека во склоп на изложбата ќе биде направена статуа на овца со големина 2×1 м2, што ќе биде своевидна синтеза на целата изложба. На нејзината површина креативно ќе бидат претставени (испишани и исцртани) сите теми претставени на фотографиите, во графити/стрит-арт стил.

„Проблемот е во сите нас, сите сме причинители и сите сме вклучени во неговото решавање. Не треба да се чекаме, мораме да почнеме да го решаваме веднаш“, порачуваат уметниците.