Инвестирајте во образованието и прифаќањето на јазиците за кохезивно општество, порача комесарот Муижниекс во Скопје

„Македонските власти треба да имплементираат политики кои охрабруваат интеракција и разбирање меѓу етничките заедници и и да промовираат социјална кохезија истовремено зачувувајќи ги различностите“, изјавил комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, по петдневната посета на Македонија.

Тој во извештајот оценил дека мировниот договор што стави крај на меѓуетничкиот конфликт во 2001 довел до промени, како во областите на правичната застапеност на заедниците во јавните институции, децентрализацијата и употребата на јазиците, но социјална кохезија не била постигната.

„Македонското општество останува длабоко поделено по етнички и јазични основи. Kрајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција, за да ги надминат овие поделби“, смета Муижниекс.

Комесарот бил особено загрижен заради растечката поделба помеѓу децата етнички Македонци и етничките Албанци, кои, како што оценил „имаат малку можности да се среќаваат, да учат и да си играат заедно, бидејќи образовниот систем е поделен според наставниот јазик“, додавајќи дека сепарацијата раѓа недоверба, стереотипи и предрасуди.

„Децата се иднината и од клучна важност, во мултиетничко општество, е да им се даде можност и вештини да градат меѓусебно разбирање, почитување и толеранција. Наместо да ги држи разделени, образовниот систем треба да им обезбеди опкружување што овозможува и поттикнува интеракција“, оценува Муижниекс.

Тој апелираше до властите да разработат посистематски и долгорочни политики за да ја одбегнат сепарацијата помеѓу децата од различните етнички заедници во образовниот систем. Муижниекс апелираше да се промовираат можностите за учење на македонскиот јазик уште од рана возраст за сите деца, а албанскиот и другите немнозински јазици, во областите каде ваквите заедници живеат во значителен број.

Комесарот ги охрабрил властите да ги засилат нивните напори за што поголема вклученост на деца со попреченост во регуларните училишта, потенцирајќи дека тоа бара образовниот систем да се прилагоди на потребите на децата.

Комесарот за човекови права, Муижниекс истовремено ја поздравил подобрената атмосфера во земјата за унапредување на човековите права и им порача на лидерите да го искористат овој момент за да постигнат вистинска промена, за сите припадници на македонското општество да можат да ги уживаат своите човекови права.

За време на петдневната посета тој имаше средби со Претседателот, Премиерот и министрите за правда, надворешни работи, труд и социјална политика, образование, Министерот надлежен за спроведување на Стратегијата за Ромите, членови на Собранието, претставници на локални власти и невладини организации.