Илјадници граѓани во Полска протестираа против забраната за абортус

Десетици илјади граѓани во Полска вчера присуствуваа на седмиот ден по ред во кој се одржуваат протести откако врховниот суд одлучи да воведе дополнителни забрани на абортусот во земјата.

Властите распоредија специјални сили за разбивање на собири во Варшава на собирот кој се одржа и покрај рестрикциите поради пандемијата со коронавирусот. Граѓаните го искажаа револтот поради последната одлука, која ја гледаат како дополнително ограничување на слободите од владејачката партија на Право и правда.

„Јас сум бесна! Тие немаат право да одлучуваат за мојот живот, за моите лични одлуки, за мојата иднина. Тие не ги разбираат младите луѓе. Тие не го разбираат светот денес, но се обидуваат да ги регулираат нашите животи. Никогаш нема да го дозволиме тоа“, вели 19-годишната Јулка Војчечовска за Еуроњуз.

Демонстрантите маршираа од канцелариите на „Ордо јурис“ конзервативна организација која ја иницираше забраната за абортус, па сè до зградата на парламентот која беше опкружена од специјална полиција. Големи собири се одржаа и во многу други полски градови, како Краков, Вроцлав, Шчеќин и Лоѓ.

Протестите поради минатонеделната пресуда се проширија и во други држави. Луѓе демонстрираа пред полските амбасади во Стокхолм, Лисабон и Рим во солидарност со жените од Полска.

Викендов многу жени влегоа во полските цркви, ги попречуваа мисите и се спротиставуваа на свештениците преку извикување вулгарности и боење на црковните објекти, додека припадници на крајно десничарски групи се собираа околу црквите во нивна одбрана.

Доминантно католичката земја и пред последната забрана имаше еден од најрестриктивните закони за абортус. Според последната пресуда на врховниот суд, тие прогласија дека е неуставно да се прекине бременоста поради абнормалности на фетусот, со што практично се стави целосна забрана на абортусот.

Последните анкети покажуваат пад на популарноста на владејачката партија на Право и правда. Нејзиниот лидер, Јарослав Качински, во минатото има изјавено дека бременоста која вклучува дури и фетуси кои имаат тешки оштетувања и немаат шанси да преживеат надвор од утробата на мајката „треба да се родат, за детето да може да биде крстено, погребано и да има име“.

Во вторникот тој ги повика неговите партиски симпатизери да ги одбранат црквите „по секоја цена“.