Полска речиси во потполност го забрани абортусот

Уставниот суд во Полска вчера одлучи дека абортусот поради дефект со фетусот е неуставен, со што го забрани најчестиот од неколкуте законски основи за прекин на бременоста, пренесува српски „Данас“.

Кога пресудата ќе стапи на сила, абортусот во Полска ќе биде дозволено само во случај на силување, инцест или закана по здравјето и животот на мајката, што во претходните години беа причини за околу два проценти од легалните абортуси во Полска.

Вчерашната одлука на судот предизвика протести низ целата земја. Стотици граѓани вчеравечер се собраа пред Уставниот суд во Варшава, а помали протести се одржаа и во Краков, Лоѓ и Шчеќин.

Комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ изјави дека ова е „тажен ден за правата на жените“.

„Отстранувањето на основите за речиси сите легални абортуси во Полска претставува кршење на човековите права. Денешната пресуда на Уставниот суд значи нелегални или абортуси во странство за оние кои можат да си го дозволат тоа и уште поголемо мачење за сите останати“, изјави таа.