Хуманитарна изведба на детската претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Детската интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во сабота (27 јануари) ќе се изведе на големата сцена на Националната опера и балет со почеток во 12 часот.

„’Операта на шумските животни’ е интерактивна музичко – драмска претстава која има за цел да ја запознае и едуцира најмладата публика со оперската уметност. Сценариото изобилува со многу комични моменти, кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава. Музичкиот дел е исполнет со адаптирани популарни арии од оперите: Кармен, Палјачи, Аида, Травијата, Рита и други, како и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото“, стои во најавата.

Идеја, сценарио, режија, костимографија и сценографијата се на Десанка Глигоријевиќ. Улогите ги толкуваат: Билјана Камчева, Марика Поповиќ, Јане Дунимаглоски и Невен Силјановски.

Претставата е наменета за најмладата публика од 6-11 години. Се работи за изведба од хуманитарен карактер. Собраните средства од продадените билети ќе бидат наменети за лекување на младиот Леонид Индов, кој во несреќен случај во Грција се здоби со тешки повреди, по што беше опериран и му претстои долготрајно и скапо лекување.