ХЕРА: Партиите да користат јасни пораки и точни информации за сеопфатното сексуално образование

Во екот на предвремените парламeнтарни избори, од Здружението ХЕРА упатија апел до сите кандидати и кандидатки од политичките партии, како и до сите чинители кои се влучени во изборните кампањи да користат јасни недвосмислени пораки и точни информации кога станува збор за сеопфатното сексуално образование (ССО).

„Имајќи ја предвид важноста на сеопфатното сексуално образование, но и одговорноста и обврските што произлегуваат од секој јавно кажан збор, го поздравуваме обидот да се актуелизира ССО како тема во јавноста, но апелираме до сите носители и кандидати за јавни функции своите ставови и мислења да ги засноваат на научно докажани факти и сознанија и да консултираат стручна и релеватна литература, како и граѓански организации кои долго време работат на оваа тема.

Само со испраќање точни и прецизни пораки во врска со сеопфатното сексуално обрзование ќе можеме да ги подготвиме и оспособиме младите луѓе со информации, вештини и позитивни вредности за да можат да преземат одговорност за сопственото, но и за туѓото здравје и благосостојба и да направат подобар избор кој ќе им го подобри квалитетот на живеење и ќе придонесе кон подобро и поправедно општество“, гласи апелот на ХЕРА.

Оттаму бараат кандидатите да се заложат за воведување на ССО како изборен предмет во основното и средното образование и така да придонесат кон квалитетно образование.

„Кога се едукацијата и квалитетното образование во прашање, младите имаат право да бидат навремено и правилно информирани. Имањето погрешни информации е подеднакво опасно како и немањето информации. Оттука, праќањето на нејасни пораки за ССО, особено од страна на носители и кандидати за јавни функции, создава конфузија и ги поткрепува – наместо да ги поткопува – митовите, стереотипите и предрасудите за сензитивните теми што тоа ги опфаќа“, сметаат од ХЕРА.

Тие веќе неколку години активно се залагаат за воведување на сеопфатното сексуално образование во образовниот систем затоа што според нив, претставува учење за когнитивниот, емоционалниот, социјалниот и физичкиот аспект на сексуалноста, а не само за биолошките аспекти на сексуалноста и за превенцијата од сексуално преносливите болести и бременоста.

„Сеопфатното сексуално образование ги вклучува сите културолошки, психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, вклучително и задоволството и сексуалната различност, кои претставуваат основа за развојот на една здрава и толерантна млада личност. Преку него младите се запознаваат со темите како род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти“, појаснуваат од зружението.