Хелсиншки: Минатата година се случиле 87 дела од омраза

За разлика од 2013 година кога се забележани 116 дела од омраза на порталот zlostorstvaodomraza.com, во текот на 2014 година бројот е намален на 87, покажуваат наводите од последниот извештај за криминалот од омраза на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во текот на 2014 година и понатаму мотивот на сторителите се однесува на етничката припадност на жртвите или 84% од сторените дела се дела од омраза по основ на етничка припадност и насилство помеѓу двете најголеми етнички заедници во РМ – македонската и албанската.

За разлика од минатата година, значително се намалени инцидентите во градовите Гостивар, Кичево и Струга, а Скопје е градот во кој најголем дел од делата омраза се забележани во текот на 2014 година, и тоа најмногу во општини со хомогена и мешана етничка структура какви што се Чаир, Аеродром и Центар, се вели во извештајот.

Основите на сторени дела од омраза се во најголем дел – 61% етничка припадност, на второ место е политичко уверување, на трето место се сексуална ориентација и родов идентите, а на четврто е верската припадност.

Според комитетот, во врска со полот и возраста на жртвите, значајно е да се напомене дека често отсуствуваат овие карактеристики во официјалното третирање на делата од омраза, па така најмладата жртва има 10 години, додека жртви биле и пет девојки под 18 години, иако бројот може да биде и поголем.

Во овој извештаен период се опфатени и спортските натпревари, при што се евидентирани 6 инциденти од омраза, со обемно присуство на говор на омраза за време на самите натпревари.

„Активностите од овој проект се овозможени со финансиска помош на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, имајќи ја предвид заемната согласност на МХК И ОБСЕ околу непостоењето на државни институции кои бележат и документираат дела од омраза, а тоа ја прави Македонија единствена земја во регионот на ОБСЕ која потфрла во систематскиот пристап кон делата од омраза. Таквиот факт е алармантен, особено затоа што Македонија се покажа како плодно тло за сторување дела од омраза, со тоа што мултикултурната структура на македонското општество доведува до тоа најголемиот број на сторени дела од омраза да бидат по основ на етничка припадност и во двете извештајни години.

Иако она што може да се забележи во втората извештајна година (2014) и понатаму во првите 6 месеци од 2015 година е застапеноста на инциденти и дела од омраза по основ на политичко уверување, врзано со актуелните политички случувања и процеси, односно зачестените и брутални напади на новинари, граѓански активисти и граѓани кои се опозициски настроени. Реагирањето на МХК во врска со овие инциденти и напади до надлежните институции или Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите, и нивните одговори, укажуваат на тоа дека во државата отсуствува добра политичка волја за справување со делата од омраза. Фактот дека има само пет пресуди низ кои се третира институтот дела од омраза, укажува на тоа дека судовите и понатаму не ги препознаваат и процесуираат соодветно делата од омраза и согласно со Казнениот законик“, велат од Хелсиншкиот комитет.