„Health, Fitness & Wellness Expo“ со акцент на најмладите и здравите навики

Јубилејното издание на Health, Fitness & Wellness Expo, кое организаторите „Моментум Инк.“, го најавуваат како „ново ниво“ со интерактивни содржини, едукација и анимација, ќе се одржи на 21 и 22 септември на терените „Работнички“ во Градскиот парк во Скопје.

„Четирите изминати изданија несомнено пружија применливи и корисни информации за огромен број теми за здрав начин на живот –  почнувајќи од правилна и здрава исхрана, спортување и совети од најголемите професионалци кај нас, козметика за телото па се до храна за умот. Ова издание ќе се покаже како јаготка на шлагот“, стои во најавата за настанот.

Оттаму за ова издание најавуваат промотивни понуди, бесплатни тренинзи, консултации и едукативни презентации, со кое што велат, ќе се стави акцент на најмладите, кои преку стекнување здрави навики ќе го направат светот поубаво место за живеење.

„Токму поради тоа, во рамките на  Health, Fitness & Wellness Expo ќе постои посебен Kids Corner поддржан од Бекутан, каде најмалечките ќе бидат понесени од бескрајни игри, интересни натпревари и целодневна забава“, се додава во најавата.

Организаторите велат дека организациите кои ќе учествуваат на настанот, како и целосната програма, ќе бидат објавени наскоро.

„Не заборавајте, нашето тело е единствениот дом кој навистина го поседуваме, па наша одговорност е да го одржиме во благосостојба“, порачуваат од „Моментум Инк“.