Граѓаните немаат пристап до универзална заштита за репродуктивното здравје, сметаат МАГО и ХЕРА

Граѓаните на Република Северна Македонија немаат пристап до универзална заштита за репродуктивното здравје, истакнаа Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување на прес-конференција, организирана по повод 26 септември – Светскиот ден на контрацепцијата и 28 септември – Светскиот ден на безбедниот абортус.

Со нивно одбележување, како што велат организациите, го свртуваат вниманието кон заштитата на сексуалното и репродуктивното здравје, а особено кон репродуктивната слобода на жените во земјава.

„Дури 36% од момчињата и 3% од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство. Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20% од девојчињата и 62% од момчињата меѓу албанското население и кај 64% од момчињата и 52% од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8% користат модерно контрацептивно средство. Како последица, стапката на тинејџерска бременост кај нас е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија“, велат организациите.

И покрај овие алармантни податоци, тие дополнуваат дека ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на Позитивната листа на лекови.

Од друга страна, додаваат дека иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари годинава, бесплатна контрацепција, како што тврдат, добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК).

„Неопходно е да се обезбеди пристапност за сите луѓе до нивниот посакуван метод на контрацепција и до безбеден метод за прекин на бременоста ако сакаме сите луѓе да можат да ги остваруваат своите човекови права. Тука спаѓаат правото на живот и слобода, правото на здравје, правото на мислење, изразување и избор, како и правото на образование и работа“, истакна претседателот на МАГО Глигор Тофоски.

Организациите истакнаа дека и покрај тоа што годинава државата конечно обезбедила пристап до проверени информации за контрацептивните средства преку двојазичната веб-страница што ја изработија Институтот за јавно здравје и ХЕРА, сепак, како што велат, државните политики и државните средства за покривање на контрацепцијата се незначителни.

„Ова го потврдува и Европскиот атлас на контрацепција, според кој нашата држава е оценета со само 46,9 % и котира меѓу земјите во црвена боја, заедно со земји како Грција, Хрватска, Црна Гора, Русија, Белорусија, Турција и Унгарија“, додаваат МАГО и ХЕРА.

Во однос на безбедниот абортус, во текот на 2022 и 2023 година, МАГО и ХЕРА обучија 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус, абортус со лекови, кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста од хируршкиот, поради што со лекови се изведуваат дури 80 % од абортусите во Европа, посочуваат организациите.

„Од 2020 година државата обезбедува пари преку Програмата за мајки и деца за набавка на лековите за медикаментозен абортус, но количината е недоволна. И покрај тоа што и кај нас медикаментозниот абортус многу повеќе се бара отколку хируршкиот, пристапот до оваа здравствена услуга е отежнат бидејќи овие лекови не се регистрирани во земјата, па УГАК ги набавува единствено преку интервентен увоз. Овој процес може да трае долго поради тоа што мора да биде во согласност со планот за јавни набавки кој, пак, подразбира низа административни процедури. Ова, пак, ја доведува во прашање достапноста на медикаментозниот абортус кој може да се спроведе само до 12-та недела од бременоста“, истакна програмска раководителка во ХЕРА Весна Матевска.

Оттука, тие посочуваат дека Владата треба во најкус рок:

  • Да ја прошири Позитивната листа на лекови со најмалку едно модерно контрацептивно средство, како што вети уште во 2017 година;
  • Годишно да го зголемува буџетот за бесплатни модерни контрацептивни средства во Програмата за мајки и деца и да изнајде успешен механизам за што е можно повеќе државни болници да добиват соодветни количини, со што ќе се обезбеди рамномерен
    пристап до бесплатна контрацепција за жени од целата земја;
  • Да ги регистрира лековите за медикаментозен абортус и секоја година да го зголемува буџетот за нивна набавка преку Програмата за мајки и деца за да може оваа здравствена услуга да ја користат и жените надвор од Скопје.

„Неможноста да се планира семејството има последици по сексуалното и репродуктивното здравје, образованието и економската независност. Оттука, грижата за сексуалното и репродуктивното здравје мора да биде приоритет доколку државата сака да остане доследна на ветеното и не само да ги гарантира сексуалните и репродуктивните права и слободи на своите граѓани, туку и да ја унапреди родовата еднаквост и да ги менува штетните родови норми“, децидни се МАГО и ХЕРА.