ХЕРА: Отворени четири нови гинеколошки ординации во Македонски Брод, Ресен, Радовиш и Делчево

Невладината организација ХЕРА известува дека од денес, отворени се четири нови гинеколошки ординации  во здравствените домови во Македонски Брод, Ресен, Радовиш и Делчево.

Амбулантите претставуваат резултат на соработката помеѓу ХЕРА и  Центарот за семејна медицина со поддршка на јавното здравство, а новите амбуланти ќе овозможуваат бесплатни услуги за репродуктивното здравје за жените во репродуктивен период од овие региони, особено жените со попреченост, жените Ромки и жените од руралните средини.

„На овој начин, во овие здравствени региони значително се унапредува сексуалното и репродуктивното здравје на над 20.600 жени и девојки на возраст од 15 до 49 години кои според претходно направеното мапирање, досега имале пристап само до 4 матични гинеколози“, велат од ХЕРА.

Оттаму дополнуваат дека ординациите располагаат со бесплатна контрацепција, односно кондоми, орална и итна контрацепција, бесплатни ПАП тестови, вагинални брисови и едукативни брошури.

„Амбулантите се сместени се во рамки на здравствените домови за да се олесни пристапот до гинеколошки услуги и семејно планирање за жените во овие градови. Првенствено се наменети за семејните лекари кои имаат поминато соодветна теориска и практична обука организирана од страна на Центарот за семејна медицина и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, но ќе можат да ги користат и гинеколозите од секундарно или терцијарно ниво“, истакнуваат од ХЕРА.