Абортус со лекови отсега достапен на скопската Клиника за гинекологија и акушерство

Отсега на жените ќе им биде достапна и алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус.

ХЕРА заедно со Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство на почетокот на годината го започнаа проектот за абортус со лекови (медикаментозен абортус) со цел да се подобрат капацитетите на јавното здравство за обезбедување на оваа здравствена услуга.

„Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80% од абортусите во земјите во ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на Ковид-19“, посочуваат од ХЕРА.

Во рамките на проектот, се реновира и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се и информативни брошури за пациентките и спроведена е обука на медицинскиот кадар кој ќе им ја обезбедува услугата медикаментозен абортус на сите жени кои ќе ја одберат оваа опција.

Сепак, тие велат дека недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сѐ уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во државата.

Од ХЕРА се надеваат дека Клиниката во Скопје ќе биде пример кој во иднина би можел да се реплицира и во другите државни болници.

Инаку, соработката помеѓу Клиниката и ХЕРА доаѓа по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација. Од ХЕРА истакнуваат дека во склоп на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбедило буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство.