Смрт на жена предизвика нови протести против забраната за абортус во Полска

Граѓаните во Полска синоќа оддадоа почит на жена за која сметаат дека е прва жртва на новиот закон со кој скоро целосно се забранува абортусот.

Тие палеа свеќи пред Уставниот суд во Варшава, кој минатата година донесе пресуда со која се заостри еден од најстрогите закони за абортус во Европа.

Според адвокатката Јоланта Буџовска, специјализирана во медицински пропусти, неименуваната жена била примена во болница бидејќи нејзиниот фетус немал доволно плодова вода. Но, докторите, наместо да изведат абортус тие чекале фетусот да умре. Мајката нешто подоцна починала.

Дел од демонстрантите носеле црвени наметки, кои потсетуваат на облеката која ја носат ликовите од „Приказната на робинката“, популарната книга и ТВ серија во која репресивен режим ги користи жените единствено за репродукција.

Меѓу нив беа и активисти за репродуктивни права кои сметаат дека жената е првото лице кое умира како резултат на рестрикциите во полскиот закон за абортус од 2020 година.

Поддржувачите на законот предупредуваат дека за овој случај не треба да се носат предвремени заклучоци без да биде спроведена темелна истрага. Теоретски, жената би требало да може да ја прекине бременоста доколку нејзиниот живот е во ризик, но активистите за репродуктивни права сметаат дека строгиот закон за абортус предизвикува докторите да се плашат од прекинување на бременоста дури и кога имаат правен основ за тоа.

Според пресудата на Уставниот суд од минатата година во Посла легални се единствено абортусите кои се практикуват при силување и инцест, или доколку животот на жената е во опасност.

Ваквиот закон го донесе полската владеачка партија „Закон и правда“. Од партијата, истакнуваа дека нивната цел е спречување на абортусите каде кај фетусите се препознава Дауновиот синдром, кој беше една од значајните причини за дотогашните абортуси во Полска.